
Пожар во Воѓани: Осумчлено семејство остана без дом и тон тутун
Во селото Воѓани, општина Кривогаштани, осумчленото семејство Благадушески на 16 декември остана без својот дом и речиси еден тон тутун поради пожар кој избувна од неисправна електрична инсталација. Семејството, кое живее заедно со свекорот, сопругот и сопругата, деверот, двата сина, четиригодишниот внук и снаата која во февруари треба да се породи, сега Новата година ја дочека без покрив над главата.
– Седевме во помошната просторија кога соседот викна дека гори куќата. Повикавме пожарна, но сѐ многу брзо се разгоре. Претходно симнавме дел од тутунот, но околу еден тон изгоре заедно со целата покуќнина, раскажува Јулијана Благадушеска.
По пожарот, просторот каде што била куќата е расчистен од гарежот, а семејството моментално се сместува кај роднини и пријатели. Благадушески нагласуваат дека хуманоста на сограѓаните и соседите им дава надеж дека ќе се изборат со ситуацијата.
– Најважно ни беше сите да бидеме на број. Луѓето помагаат, не само од нашето село, туку и од соседните места. Има хуманост и човечност, додава Дејан Благадушески, девер на Јулијана.
Општина Кривогаштани отвори жиро сметка за сите оние кои сакаат да им помогнат на семејството, а прва помош стигна од Сојузот на земјоделските здруженија, кој издвоил парична поддршка од околу 120 000 до 180 000 денари. Изгорениот тутун се проценува на околу 10 000 евра.
– Како Сојуз издвојуваме парична и морална поддршка и ги повикуваме сите тутунари и откупувачи да помогнат семејството да застане на нозе. Голема е штетата и на куќата, и на тутунот, истакна Кире Ристески, претседател на Сојузот.
Семејството Благадушески, иако погодено од трагедијата, ја чека радоста од пристигнувањето на деветтиот член на семејството во февруари. Секоја помош и поддршка ќе им биде добредојдена.
