ПОВРЕДЕН ПИТ-БУЛ НАЈДЕН ВО БАГАЖНИК, УЧЕСТВУВАЛ ВО БОРБИ Приведени 19-годишник и двајца малолетници, возачот без дозвола

Полицијата приведе тројца млади лица откако во автомобил на локалниот пат кон Камењане било пронајдено повредено куче, за кое постои сомнение дека учествувало во борби.
Инцидентот се случил синоќа околу 22 часот, кога полициски службеници од Полициското одделение Камењане запреле патничко возило „голф“ со тетовски регистарски таблички, управувано од 19-годишник од Озормиште, кој немал возачка дозвола. При прегледот на возилото, во багажниот простор било пронајдено повредено куче од расата „пит бул“.
Според информациите, лицата во автомобилот изјавиле дека кучето било повредено во борба со други кучиња во Камењане. Заедно со возачот биле приведени и двајца 17-годишни сопатници од Желино.
За случајот бил известен ветеринарен инспектор, а се преземаат мерки за соодветно лекување на животното и целосно документирање на настанот. Трите лица и возилото биле задржани во полициска станица, по што ќе следува соодветен поднесок.
.