
Повлечено обвинението против Цветан Панделески во „Империја“
Еден од клучните краци на мега-предметот „Империја“ доби неочекуван епилог. Како што пренесува „Призма“ (БИРН), Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во декември 2025 година официјално го повлече обвинението против бизнисменот Цветан Панделески.
Одлуката ја донел обвинителот Фатон Азизи, кој по сослушувањето на сведоците оценил дека нема докази оти Панделески ги довел во заблуда акционерите на „Бетон Штип“ или дека презел дејствија за противправна имотна корист.
„Ниту еден сведок не посочил дека го познава обвинетиот или дека тој имал влијание врз нивните акции“, појаснуваат од Обвинителството за „Призма“.
Иако „Империја“ започна како еден од најголемите случаи на поранешното СЈО со најави за конфискација на милиони евра, најголемиот дел од постапките завршија со спогодби или повлекувања, наместо со судски пресуди за главните дела.

