
ПОВИК ДА НЕ ПОТРОШАТ НИТУ ЕВРО: И Грците ќе бојкотираат
И Грците ќе бојкотираат маркети на 19 февруари поради високите цени.
„Целосно да се бојкотира пазарот и граѓаните да не потрошат ниту едно евро на 19 февруари“, повикаа од Федерацијата на потрошувачи на Грција (ИНКА) поради високите цени, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку соопштението велат дека „доста е со измамите, профитерство и заработките на сметка на граѓаните“.
„Ако е можно, на тој ден да не потрошиме ниту едно евро за банките, државата, за вода, струја, телефони, гориво, за супермаркети, кафулиња, ресторани, трговија, продавници за бела техника и никаде на друго место на пазарот. Сите заедно да испратиме порака дека газди на пазарот се граѓаните и потрошувачите“, велат од Федерацијата и велат дека 19 февруари е ден кога треба потрошувачите да ја покажат нивната сила.
Се работи за прв повик за бојкот во Грција, откако вакви иницијативи веќе имаше кај нас и во регионот. Први со бојкот почнаа Хрватите. Тие не застанаа на првиот бојкот, туку и натаму ќе бојкотираат. Бојкот имаше и во Црна Гора и се покажа како успешен. За утре има повик, македонските граѓани пак да бојкотираат.
foto freepik.com/aleksandarlittlewolf

