
Потпишана Рамковна спогодба на Армијата со Чешка вредна пет милиони евра
Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва денеска потпишаа Рамковна спогодба вредна пет милиони евра, со која ќе се решат предизвиците со навремена набавка на резервни делови како и поправка на делови и снабдување со потрошен материјал за потребите на на транспортните хеликоптери Ми-8/17, хеликоптерите Бел 206 и авионите Злин 242Л. Овој договор ќе биде активен во следните пет години.
Министерката Петровска посочи дека овој ден е еден од најсветлите денови за македонското воздухопловство имајќи предвид дека договорот е изготвен по принцип Влада-со-Влада со што се изземаат сите можности за каква било корупција во овој процес и дека истиот овозможува навремена и брза испорака на какви било делови потребни за целосна функционалност на воздухопловите на Армијата на Република Северна Македонија.
Петровска изрази задоволство од досегашната соработка со Чешката Република и со Воздухопловно-ремонтниот завод „ЛОМ-Прага“, кои во моментов вршат ремонт на два армиски транспортни хеликоптери.
Чешкиот амбасадор Лудва се заблагодари за одличната одбранбена соработка чиј резултат е овој договор и порача дека „ЛОМ-Прага“ е ремонтен центар кој функционира согласно највисоките стандарди на Алијансата.
