
Посебен режим на сообраќај во центарот на Скопје поради одбележување на 2 Август
Во Скопје денеска од 9 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје поради одржување на настани по повод државниот празник – 2 Август, Денот на Републиката.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, сообраќајот ќе биде затворен пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија. Забраната ќе важи на потегот од булевар „Кочо Рацин“ до улицата „11-ти Октомври“ (во близина на зградата на Црвениот крст), како и на крстосницата од „Филип Втори Македонски“ до улицата „Кеј 13-ти Ноември“.
МВР најави дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе сите неопходни мерки за регулирање на сообраќајот и одржување на јавниот ред додека трае свечениот настан.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата од униформираните полициски службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на настаните и сообраќајот.