
„Поразително – и по големите пожарите, хидрантите во Кочани сè уште не функционираат“, вели Стоилов од „Супорт Кочани“
Дарко Стоилов од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, во своето последно гостување во емисијата Политиканти упати остри критики до локалните институции, посочувајќи на системската негрижа и нефункционалноста на противпожарната мрежа во градот.
Стоилов се потсети на драматичните пожари од 2021 година кога граѓаните беа принудени сами да се организираат со противпожарни апарати бидејќи институциите потфрлија. Тој истакна дека и тогаш главниот проблем бил недостатокот на вода и нефункционалните хидранти.
„Сфативме дека нема институција која може да те заштити. Тогаш се најдов на локацијата Варница, каде цистерна на Водовод стоеше без вода бидејќи во тој дел од градот немаше функционален хидрант, па мораше да патува со километри за да наполни“, вели Стоилов.
Според неговото сведоштво за последниот пожар кај дискотеката во Кочани, сликата е идентична и по три години. Иако тогаш изгореа куќи, лекцијата не е научена.
„Видов како цистерната се враќа на приватна бензинска пумпа за да наполни вода бидејќи хидрантот повторно не работеше. Тоа е пораз за еден град. По пожарот пред три години, очекував дека хидрантите барем ќе бидат активни и обележани, но реалноста е поинаква“, истакна тој.
Заклучокот на Стоилов е поразителен – клучната инфраструктура за заштита од пожари во Кочани сè уште е надвор од функција. Тој предупредува дека граѓаните остануваат незаштитени сè додека основните елементи, како што се функционални хидрантски мрежи, не станат приоритет за локалните власти.
