
Поради проблеми со тестисите,сопственикот на Дурмо Турс пет месеци по пресудата сè уште не е во затвор
Пет месеци по правосилната пресуда за автобуската несреќа кај Ласкарци, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт, Ремзи Мифтари, сè уште не се јавиле на отслужување на десетгодишните затворски казни. Причината, како што потврдиле од Основниот суд во Тетово за „Сакам да кажам“, е што и двајцата осудени одеднаш се разболеле и имале проблем со тестисите.
Според изјавата од судот, Белули имал хернија (кила) на еден тестис и деновиве бил опериран, додека Мифтари имал ист проблем на двата тестиси и требало да биде подложен на хируршки зафат.
За разлика од нив, третиот осуден во случајот, возачот на автобусот Мануел Трифуновски, веќе ја отслужува својата затворска казна.
Возачот Трифуновски, кој бил свесен за неисправноста, беше осуден бидејќи поради невнимание удрил во металната ограда. Во текот на првостепеното судење, одбраната на Белули и Мифтари се обидуваше целата вина да ја префрли токму на возачот.
Извор: Сакам да кажам
