
Поминаа повеќе од две децении, Зидан откри зошто го одбрал бројот 5 во Реал
Во 2001 година тој се пресели од Јувентус во Реал и многумина се изненадија со „петката“ бидејќи стануваше збор за играч од средниот ред, а во претходните клубови и во репрезентацијата носеше 10 или 21. Сепак, како што вели, немал друг избор бидејќи така одлучил Флорентино Перез.
„На претседателот му се допаѓаа класични броеви, од 1 до 11, ми рече дека не сме во американски фудбал. ‘Десетката’ беше кај Фиго, а по пензионирањето на Санчис, слободен остана бројот 5. Перез ме натера да го земам и јас го прифатив тоа, а подоцна се врзав со тој број“, призна Зидан.
Французинот беше член на Реал од 2001 до 2006 година и таму ја заврши играчката кариера. Во тој период освои една титула во Ла Лига и една во Лигата на шампионите во чие финале постигна спектакуларен гол против Баер Леверкузен.
