
Поминаа девет месеци, а Ристо Матков кој исчезна во Гевгелија не е пронајден
Девет месеци, мистеријата за исчезнувањето на гевгеличанецот Ристо Матков (47) останува нерешена. Тој последен пат бил виден на 14-ти март минатата година, во близина на железничката станица во Гевгелија, но информациите за неговото исчезнување беа објавени од Министерството за внатрешни работи дури минатиот месец.
Ристо, познат по прекарот Матко, е лице со нарушено ментално здравје. Неговата фотографија и описот – висок околу 170 сантиметри, тежок 95 килограми, со кафеава коса и кафеави очи – се дел од апелот за помош. Во времето на исчезнувањето носел сиви тренерки и бели патики.
Граѓаните кои располагаат со информации за Матков, се повикуваат да се јават на дежурниот телефон на МВР или во најблиската полициска станица.
Нејасно останува зошто информациите за неговото исчезнување не биле споделени веднаш, а од МВР истакнуваат дека објавите се прават во согласност со семејствата на исчезнатите лица.
Покрај Ристо Матков, во земјата и натаму се трага по неколку лица кои исчезнаа минатата година, меѓу кои се и Злата Јанкова (45) од Свети Николе, Лидија Трајковска (43) од Скопје и Драган Стојанов (40) од Штип.