
Полска е нов европски првак во одбојка – среде Рим ги прегази „аѕурите“!
Полјаците со ова ја докажаа класата што ја демонстрираа уште во прелиминарната фаза во Скопје, каде што убедливо ги преслушаа сите пет ривали, меѓу кои беше и Македонија. Тие предводени од бомбарадерот Леон беа доминантни во сите три сета од финалето, во кое во ниту еден момент не му дозволија на противникот да се надева на триумф. Ова е втора европска круна за Полска и своевиден реванш на Италијанците за поразот во финалето од Светското првенство на кое тие беа домаќини.
Овој континентален собир ќе остане запаметен и по историскиот пласман на Македонија во нокаут фазата, каде што во осминафиналето загуби од Италија. Ќе остане засекогаш запишано дека нашите одбојкари биле меѓу најдобрите 16 селекции во Европа, но и дека имале чест да одиграат средбите со двајцата финалисти.
