
Половина од семејниот буџет се троши на храна: На македонската трпеза најмногу се јаде леб и пилешко
Македонските домаќинства трошат над половина од својот годишен буџет за храна и пијалаци, покажуваат најновите податоци од Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика за 2025 година. Според истражувањето, дури 50,8 проценти од семејните средства, односно во просек по 159 750 денари, се трошат за прехрана, при што најголем дел од парите одат за месо и млечни производи.
Статистиката открива дека на трпезата доминираат лебот со 172,3 килограми и компирот со 64 килограми по домаќинство годишно. Од месото најмногу се консумира живина, додека јунешкото и рибата се застапени со помалку од 20 килограми. Кај пијалаците, убедливо најмногу се пијат безалкохолни пијалаци со 181,6 литри, а кај алкохолот предничи пивото.
Интересен е податокот дека за тутун домаќинствата трошат повеќе отколку за овошје или алкохол. Истражувањето е спроведено врз основа на анкета на над пет илјади домаќинства низ земјава, од кои огромното мнозинство се неземјоделски семејства кои своите потреби ги подмируваат исклучиво преку трговијата на мало.
