
Поднесено обвинение за Максим Димитриевски: Власта монтира случај против мене
Кумановскиот градоначалник и кандидат за претседател, Максим Димитриевски се соочи со обвинение за злоупотреба на службена положба и овластувања, објави Телма.
Кумановскиот обвинител, Иса Сулејмани поднел обвинителен предлог по кривичната пријава на две кумановски фирми дека не им издава градежна дозвола за изградба на висококатница и покрај тоа што, адвокатскиот тим на Димитриевски барал тој да биде изземен поради пристрасност и селективно постапување во предистражната постапка.
Димитриевски тврди дека постои стручно мислење од експерти за случајот, кое обвинителот не го земал предвид. Во ова гледа политички прогон од страна на власта, преку нивни сателити во обвинителството и Уставниот суд, со цел предизборно да го дискредитираат.
Кумановските фирми „Делукс ауто“ и „Хромак“ тврдат дека претрпеле штета од 55.000 евра, затоа што не им издал решение за наплата на комуналии за објектот. Го обвинуваат дека не го почитувал законот за градење и одлуките на уставниот суд.
Од фирмата која ја поднела пријавата тврдат дека не се работи за висококатница, туку за зграда од седум ката, 150 метри подалеку од училиштето. Негираат дека се спонзори на владејачка партија, како што ги обвинува Димитриевски, тврдејќи дека во последните неколку години добиле само еден државен тендер, за разлика од претходно, кога добивале и повеќе.
Извор: Телма
