
Почнува новата сезона во НБА: Феникс и Милвоки по тронот на Денвер
Многумина го сметаат тимот од Колорадо за прв фаворит и во новата сезона, но јасно е дека ќе има најмалку два сериозни конкуренти. Феникс Санс уште во текот на минатата натпреварувачка кампања сериозно се засили, а летово го донесе и Бредли Бил, додека Милвоки Бакс го спои Јанис Адетокумбо со Дејмијан Лилард, еден од најдобрите бекови во лигата. Овие два тима треба да бидат сериозни ривали за тронот на Денвер.
Од сенка, својата шанса ќе ја чекаат Голден Стејт, династија која е во својот залез, потоа Лос Анџелес Лејкерс бидејќи ова е можеби последна шанса за Леброн Џејмс за петта титула, како и Бостон Селтикс кој последните години постојано е во најтесен круг на фаворити, но му недостасува последниот чекор.
Сезонава ќе биде интересна и поради тоа што можеби ќе бидеме сведоци на почетокот на една нова блескава кариера. Во НБА ќе дебитира еден од најголемите европски таленти Виктор Вембанјама кој треба да биде лидер на новиот проект на Сан Антонио Спарс, на почетокот предводен од Грег Попович. По она што го демонстрираше во текот на подготовките, младиот Францизин е подготвен за тоа што го очекува во новата епизода од неговиот живот.
Вечерашната програма ги содржи дуелите меѓу Денвер и Лејкерс кој стартува во 1:30 часот и Голден Стејт и Феникс кои ќе играат од 4 часот. Пред мечот во Колорадо, на кошаркарите на Нагетс свечено ќе им бидат врачени шампионските прстени.
