
Починатата Ивана во октомври поднела тужба за развод – МСПДМ: Секое евентуално пропуштање ќе биде целосно утврдено
По трагичниот настан во кој животот го загубија мајка и дете, Министерство за социјална политика, демографија и млади соопшти дека веднаш презело мерки согласно своите законски надлежности, со цел утврдување на сите факти и околности поврзани со постапувањето на надлежните институции.
Министерството изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на починатите.
Како што информираат од институцијата, веднаш по случајот е спроведен вонреден инспекциски надзор во Центар за социјални работи – Скопје, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување.
Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат се евидентирани во Центарот на 07.10.2025 година, по барање од Основен граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак.
Во однос на пријавено насилство, допис од Министерство за внатрешни работи е примен и заведен во Центарот на 02.02.2026 година. Тој се однесува на настан од 19.12.2025 година, поврзан со прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.
Од Министерството посочуваат дека секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено и санкционирано согласно законските прописи.
Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство остануваат врвен приоритет, а инспекцискиот надзор е сè уште во тек. По неговото завршување, Министерството најави дека транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за понатамошните мерки што ќе бидат преземени.
