
Почина најстарата битолчанка Рејчел Нахмијас – симбол на преживувањето и чувар на споменот на Евреите
На 108-годишна возраст почина најстарата битолчанка, Рејчел Нахмијас, жената која стана симбол на преживувањето и чувар на споменот на битолските Евреи. Родена во 1917 година, Нахмијас беше една од ретките кои успеаја да го избегнат ужасот на холокаустот и депортацијата во нацистичките логори во 1943 година.
Нејзината животна приказна е исполнета со драматични пресврти. Како 26-годишна девојка, Рејчел била спасена благодарение на храброста на тогашниот албански конзул во Битола, кој ја сокрил во багажникот на својот автомобил и ја префрлил во Албанија. Таму ја поминала војната под заштита на албанско семејство сè до 1950 година, по што својот живот го продолжила во Бостон, САД.
Веста за нејзината смрт ја сподели нејзината внука, познатата пејачка на ладино музика, Сара Ароесте. Таа со емотивна порака на социјалните мрежи се збогуваше од својата братучетка, нарекувајќи ја херој кој бил сведок на повеќе од еден век историја.
„Рејчел беше единствената преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот и инспирација за сите што ја познаваа. Сè до пред три месеци таа беше целосно активна, споделувајќи со мене ладино приказни и песни. Таа беше вистински благослов за овој свет“, напиша Ароесте.
Рејчел Нахмијас до последен момент остана длабоко поврзана со своите корени во Битола, градот каде што нејзините претци живееле и твореле на Широк сокак. Нејзиното заминување означува крај на една ера за еврејската заедница по потекло од Битола, оставајќи ги зад себе нејзините песни и сведоштва како вечен спомен на едно минато време.
