
Почина легендата на македонското скијање – Иван Лесевски!
Тој ќе остане запаметен како една од најважните фигури на македонското скијање, тренер во скијачките клубови „Црниче“ и СК Работнички, како и селектор на репрезентација на Македонија. Од најмлади години е најдобриот македонски скијач со освоени шампионски титули во алпско скијање во пионерска и во младинска конкуренција, беше победник на Пелистерскиот велеслалом меѓу сениорите, младински првак на поранешна Југославија во скијање на вода, слалом, повеќекратен младински и сениорски првак на Македонија во скијање на вода, слалом и скокови.
Беше долгогодишен селектор на македонската алпска скијачка репрезентација, учесник на шест Зимски олимписки игри, како и член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје. Добитник е на многубројни награди, како тренер на годината на град Скопје 2014 година по успесите на ЗОИ таа година во Сочи, двапати добитник на наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.
Последниот поздрав со Иван Лесевски е утре (9. септември) во капелата во Ѓорче Петров од 13 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата во Ѓорче Петров во 14 часот.
