
Почина гинекологот Чалков кој беше условно осуден за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе
Почина докторот Венци Чалков, а веста за неговата смрт предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што од него се простуваат членови на семејството, пријатели, пациенти и колеги.
Гинекологот Чалков беше дел од судскиот процес поврзан со трагичната смрт на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе пред една деценија. Тој и струмичкиот гинеколог Дончо Москов беа обвинети за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“, а минатиот месец добија условна затворска казна од шест месеци, која би се активирала доколку во следните две години стореле ново кривично дело.
Апелациониот суд ги прогласи за виновни само една недела пред да настапи застарување на делото. По пресудата беше најавено поднесување жалба до Врховниот суд.
Во истиот предмет беше обвинет и анестезиологот Томчо Ванчев од Гевгелија, кој почина во текот на постапката. За време на истрагата почина и вториот анестезиолог, Зоран Јовановски.

