
„Победа“ згаснува: Клубот се повлекува од Втората лига поради блокирана сметка
Прилепската фудбалска гордост, ФК Победа, официјално соопшти дека ја прекинува својата активност во Втората македонска фудбалска лига. Поради блокирана сметка и критична финансиска состојба, клубот веќе не е во можност да ги подмирува основните трошоци за натпреварување.
Според официјалното известување од клубот, кризата кулминирала по промената на сопственичката структура во април 2025 година. Новиот мнозински акционер одбил да го води клубот и не назначил раководство ниту извршен директор.
Иако Општина Прилеп во август донесе одлука за еднократна финансиска помош од еден милион денари, средствата никогаш не биле исплатени поради изборниот период, што беше и клучниот услов за опстанок на екипата во сезоната 2025/2026.
Со блокирана сметка и без институционална поддршка, сениорскиот тим на Победа е принуден да го напушти натпреварувањето, оставајќи ја прилепската спортска јавност во шок по децениското постоење на овој фудбалски бренд.

