
По неколку часа решен е проблемот со платежните картички
Неколку часа во земјава имаше проблем со платежните картички. Проблемот со картичките на VISA и MasterCard е надминат, објави попладнево Македонската банкарска асоцијација (МБА), откако утринава оттаму информираа дека дел од услугите поврзани со овие картични брендови се недостапни на банкомат или во трговија.
Причината за проблемот, како што информираа претходно денеска од МБА, не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките.
Од Банкарската асоцијација, но и од Народната банка (НБ), претходно денеска напоменаа дека и покрај привремениот проблем со картичките на VISA и MasterCard, парите на граѓаните на банкарските сметки се безбедни и достапни во секој момент и во сите експозитури и филијали.