
По големиот пожар, „Макпрогрес“ ветува брза обнова и задржување на сите вработени
Изгорените производствени линии на фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ од Виница ќе бидат обновени во најкраток можен рок, а сите вработени ќе останат ангажирани, соопштија од менаџментот на компанијата.
„Пожарот нанесе огромни штети, но веднаш започнавме активности за брзо рестартирање на производството. Дел од вработените ќе бидат распределени во преостанатите погони“, изјавија за ТВ Стар од „Макпрогрес Винчини“.
Во пожарот што избувна синоќа целосно изгореа три производствени погони, два магацини со готови производи и административниот дел на фабриката, која има околу 500 вработени. „Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански капацитет во Виница, а последиците ќе ги почувствуваат и соседните општини Кочани и Штип поради бројните кооперанти што соработуваат со фабриката.
Според сопствениците, материјалната штета е милионска, а точниот износ ќе биде познат по проценката на осигурителните компании. Стопанската комора соопшти дека ќе биде формиран кризен штаб за координација на мерките.
Фабриката „Макпрогрес Винчини“ е основана пред 35 години и важи за еден од водечките производители во кондиторската индустрија во Македонија. Околу 75% од производството е наменето за извоз, а производите се пласираат во 55 држави. Само минатата година, извозот изнесувал 35,8 милиони евра.
Во рамките на групацијата „Макпрогрес“, која има над 750 вработени, се произведуваат и брендовите „Сончева долина“, „Натура“, „Дониа“ и „Фантазија“.
Во пожарот беа повредени 18 лица, меѓу кои и пожарникари и работници во фабриката. Дел од нив беа задржани во болницата во Кочани, а други пренесени во клиниките во Скопје. Министерството за здравство соопшти дека хоспитализирани се една пожарникарка во Штип, четири пожарникари во Кочани и осуммина работници на Клиниката за токсикологија во Скопје. Сите се во стабилна состојба.
