
По две операции на тестиси и месеци одложување: Газдата на „Дурмо турс“ се јави во затвор, по Мифтари сè уште се трага
Сопственикот на превозната компанија „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, денеска се јави во затворот Идризово за издржување на десетгодишната затворска казна. Тој е осуден за тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени поради технички неисправен автобус.
Упатувањето на Белули зад решетки беше одложувано неколку месеци поради неговата здравствена состојба и извршените две хируршки интервенции, за кои судијата на предметот добил медицинска потврда дека биле неопходни.
Апелациониот суд во мај 2025 година на Белули му ја зголеми казната од четири на десет години. За разлика од сопственикот, второосомничениот Ремзи Мифтари, кој беше одговорен за возниот парк и исто така доби казна од 10 години, не се јави на издржување и моментно е во бегство, поради што по него е распишана потерница.
