
ПО ДВЕ ГОДИНИ: Град Скопје доби зелено светло за нов транспортен центар
По две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем. Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ. Во основниот идеен проект беа истакнати детектираните сериозни пречки за реализација кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација се надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект.
Градот Скопје и покрај сите блокади продолжува со заложбите кои ќе им овозможат на граѓаните модерен и навремен јавен градски превоз, надминувајќи ги проблемите со кои се соочува и ЈСП и граѓаните кога станува збор за градскиот превоз. Во нашите искрени заложби за модерен и еколошки градски превоз нема да не сопрат ниту блокадите во Советот на Град Скопје ниту структурните проблеми со кои се соочува ЈСП, а се наследени од претходните раководства на претпријатието.
Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато. Затоа е важно се што е во интерес на граѓаните да се реализира, а тие да добијат градски превоз како што доликува на главниот град.
Во ноември 2021 година, Арсовска, непосредно по нејзиниот избор за градоначалник, изјави дека нема да го продолжи проектот за БРТ, бидејќи тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Нејзиното ветување беше бесплатен јавен превоз во Скопје и нови 250 автобуси.
„Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече тогаш Арсовска.
За реализација на БРТ во Скопје, Владата зеде кредит во висина од 70 милиони евра од ЕБОР.
