📽️ 📷 ПО 15 ГОДИНИ ПРОПАЃАЊЕ, БАЗЕНОТ ВО ИДРИЗОВО ПОВТОРНО Е ОТВОРЕН Кандидатите за „Тигар“ веќе ги проверуваат пливачките способности
По повеќе од 15 години запуштеност, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција, а веќе се користи за проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“. За обновувањето биле вложени околу 5,7 милиони денари, а работите биле завршени за неполни три месеци, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при денешната посета на Академијата.
Базенот повеќе од деценија и пол бил надвор од употреба, поради што генерации полициски службеници немале можност да го користат за обука и професионално усовршување. Сега, по целосната реконструкција, објектот повторно е ставен во служба на полициската обука и физичката подготовка на припадниците на Министерството за внатрешни работи.
– Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност – истакна Тошковски.
При посетата на Полициската академија, министерот имаше можност да се увери во функционалноста на обновениот објект, каде што во тој момент се вршела проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во единицата „Тигар“.
Според најавите, базенот ќе има повеќенаменска употреба. Ќе се користи за обука на идните полициски службеници, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби, како и за одржување на физичката подготвеност на полицајците. Со неговото повторно ставање во функција се создаваат дополнителни услови за унапредување на професионалните способности и оперативната подготвеност на македонската полиција.
Објектот има и посебно место во македонската филмска историја. Токму во овој базен во 1977 година биле снимани сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од големиот спортски подвиг на Атина Бојаџи.
Обновувањето на базенот е дел од пошироките инвестиции во модернизацијата на македонската полиција и подобрувањето на условите за работа и обука на полициските службеници.
Во изминатиот период значително бил обновен комплексот на Полициската академија во Идризово, повторно било вратено Средното полициско училиште, а биле набавени и нови полициски возила. Наскоро се очекува и пристигнувањето на новите полициски униформи, кои, според најавите на МВР, ќе бидат целосно ребрендирани и изработени според високи стандарди за квалитет.
– Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија – порача Тошковски.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека ќе продолжат инвестициите во полициската инфраструктура, опремувањето и подобрувањето на условите за обука и работа, со цел натамошно зајакнување на капацитетите на македонската полиција.
.
Извор: plusinfo.mk