
По 13 години изградба – свечено осветување на храмот „Свети Константин и Елена“
Со ѕвонење на камбаната, утрово во 8:30 часот започна свечената церемонија за осветување на храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје.
На настанот присуствуваа голем број граѓани, верници, високи владини функционери, пратеници, претставници на политички партии и на дипломатскиот кор. Церемонијата започна со изведбата на „Достојно ест“ од страна на свештениците, по што продолжи чинот на осветувањето.
Чинот го изврши архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со архијереи од МПЦ-ОА.
Голем број верници беа присутни уште пред почетокот на службата, а за оние кои не можеа да влезат во храмот, надвор беше поставен голем видео-бим преку кој се следеше церемонијата.
Изградбата на храмот започна во 2012 година и траеше 13 години. Во текот на 2024 година работите беа интензивирани, со што се довршија внатрешното уредување, надворешноста и уредувањето на околниот простор.

