
ПЛАКАТИ СО ВУЧИЌ ВО СЕВЕРНО КОСОВО: Врховен команданту, те чекаме
Во северно Косово утрово се појавија плакати со фотографијата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со пораката „Врховен команданту, те чекаме“.
Постерите, на кои се гледа Вучиќ и зад него припадници на српската војска, се залепени на згради, куќи, локали и во јавни простори во четирите општини на северот на Косово, населени со мнозинско српско население – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа потврди дека властите отвориле случај за „предизвикување омраза“.
„Памфлети со фотографијата на претседателот на Србија се разделени на повеќе локации во четирите општини на северот од земјата. По консултација со државниот обвинител, отворен е случајот за поттикнување омраза“, рече Елшани.
Засега нема осомничени за поставување на овие плакати, но „полицијата работи на расветлување на случајот“.
И во Србија неодамна имало натписи „Кога војската ќе се врати на Косово“.
фото МИА

