
ПИЈАНА КАВАДАРЧАНКА СО НОЖ ГО ПОВРЕДИЛА СОПРУГОТ Со 2,61 промили алкохол направила хаос во семејниот дом

30-годишна жена од Кавадарци утрово била приведена откако, според пријавата, со остар предмет го повредила својот сопруг во семејниот дом.
Инцидентот се случил рано наутро, околу 6:30 часот, кога по вербална расправија меѓу сопружниците, жената наводно му нанела повреди на 43-годишниот сопруг. Полициски службеници од ОВР Кавадарци веднаш реагирале и ја лишиле од слобода осомничената.
Од СВР Велес информираат дека остриот предмет со кој бил извршен нападот е пронајден и одземен, а при полициската постапка кај жената биле измерени 2,61 промили алкохол во крвта.
Таа била задржана во полициска станица, за случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
.

