
Петровска: Успешно се справуваме со обидите за хибридни влијанија, безбедносната заедница има добра координација со сојузниците во НАТО
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во интервју за 24Инфо се осврна на обидите за влијанија од трети земји во Северна Македонија при што порача дека овие обиди се препознаени и тие ја губат својата сила, за што се заслужни членовите на безбедносно – разузнавачката заедница кои своите активности успешно ги координираат со сојузниците во НАТО.
„Тие трети држави кои не и мислат добро на Република Северна Македонија не престануваат со своите влијанија. Но она што е добро, е што како институција и како држава ги препознаваме таквите влијанија кои ги нарекуваме штетни или малициозни. Сега за сега успешно се справуваме со нив, што значи дека институциите одговараат на тие предизвици. Тоа значи дека имаме добра координација во безбедносно разузнавачката заедница и внатре во државата и се разбира и со нашите партнери и во рамки на НАТО Алијансата Влијанието, како што реков постои, но добро е што тоа се намалува, пред сè поради активностите што ги преземаме и така ќе продолжиме и во наредниот период“, рече министерката.
Многу е важно, додаде Петровска, оние процеси кои се започнати во државата и кои значат напредок на државата, да продолжат во тој правец.
„Јас сум свесна и јавноста е свесна дека особено Руската Федерација не сака да ја види Република Северна Македонија како земја членка на ЕУ. Меѓутоа, останува на нас, прогресивните сили во државата, тој пат кон ЕУ на нашата држава да го обезбедиме во иднина“, заклучи таа.
Во однос на поддршката за Украина во своето право да се одбрани, министерката порача дека Северна Македонија останува отворена за оваа поддршка да продолжи и во иднина.
„Република Северна Македонија е непоколеблива во однос на поддршката и помошта што и ја пружаме на Украина. Неодамна заврши обуката, која за првпат откако започна руската агресија, имавме можност да спроведеме таква обука на припадници на украинската армија овде, во Република Северна Македонија. Таа заврши успешно и беше димензионирана согласно побарувањата што беа доставени од украинска страна. Се разбира, и во наредниот период вратата на Република Северна Македонија ќе остане отворена за поддршка на Украина, сè додека е тоа потребно, без разлика дали ќе биде во повторни тренинзи и обука на украински сили или со дополнителна воена поддршка и помош која ја имаме“, заклучи министерката.
