
Петровска го искара Касами, не за крстот туку фатете се да го исчистите градот, изградете парк…
Тетово е преубав град под Шара, а има толку многу проблеми. Секој да се насочи кон решавање на тие проблеми, така и локалната самоуправа во Тетово. Ова е пораката која денеска ја испрати министерката за одбрана Славјанка Петровска запрашана за одлуката за отстранување на крстот на Попова Шапка.
„Членка на ЕУ не се станува со кревање на сопствените рејтинзи, се станува со мудри политички одлуки, па дури и тоа да значи страдање на сопствените рејтинзи, но тоа треба да се донесе. Најдобро е да се држиме сите до тоа што ни е надлежност во нашето работење. За жал во Тетово еден прекрасен град под Шара има толку многу проблеми кои локалната самоуправа треба да ги реши така што нека се зафатат час поскоро со средувањето, разубавувањето на градот и конечно изградбата на паркот кој толку многу тетовачани го сакаат, а не со некои други теми. Враќањето назад не носи добро никому“, изјави министерката Славјанка Петровска.
На прашањето се надврза и заменик-министерот за одбрана Тирон Јајага.
„Крстот или џамии да се во прашање не се предмет на Министерството за одбрана туку станува случај за предмети кои се во надлежност на о. Тетово. По однос на такви квази патриотски укажувања од страна на градоначалникот сметам дека квази патриотизам не поминува, затоа што гледајќи на политичката претходнос на сегашниот градоначалник на Тетово мислам дека едното не е поврзано со другото, така што мислам дека сега е време на луѓето да им се даде иднина, за нашите деца, да ги оставиме овие прашања да бидат средени како што треба“, изјави Тирон Јајга, заменик-министер за одбрана.

