
Пендаровски: Не знам кој нормален во вакви траорни времиња може да размислува за власт, избори или мандати
Има доволно време за размисување за изборите. Прашањето на вашата колешка беше дали размислувам во моментов за втор мандат. Вака појаснува претседателот на државата Стево Пендаровски откако денеска одговори дека не размислува за втор претседателски мандат.
„Право да ви кажам не знам кој нормален човек, граѓанин на нашава Македонија или политичар би можел во вакви траорни времиња низ кои поминува би можел да размислува за власт, избори, мандати. Изборите се догодина. Имаме доволно време. Меѓутоа во овој момент моите мисли се насочени само кон семејствата на настраданите и во рамките на мојата функција да го изработам до крај мандатот во согласност со потребата на граѓаните кои ми ја дадоа честа да ја водам државата пред четири и пол години“, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Мандатот на Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година. Во понеделникот на лидерска средба во Собранието беше договорено дека првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде заедно со парламентарните на 8 мај 2024 година.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ деновиве отпочнаа процедури за утврдување претседателски кандидат. На изборите во 2019 година Стево Пендаровски беше поддржан од коалицијата предводена од СДСМ и од ДУИ.
