Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи: Наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме
Македонија

Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи: Наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме

12/03/2023

AA

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше во одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.

Претседателот Пендаровски ја предводеше Поворката на живите од старата железничка станица до тутунскиот комбинат, во спомен на македонските Евреи депортирани во нацистичкиот логор Треблинка.

Претседателот Пендаровски оддаде почит и положи цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на тутунскиот комбинат, каде беа поставени и камчиња со нивните имиња. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски оцени дека ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на холокаусот се намалува, а антисемитизмот, за жал, се зголемува и порача дека наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, како што рече, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството. Според претседателот Пендаровски, правдата подразбира да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, рече македонскиот претседател, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на тутунскиот комбинат.

Вчера, на 11 март, се навршија 80 години од холокаустот на македонските Евреи. Од ова место 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта Треблинка.

Денес, минувајќи еден краток дел од патот на нашите еврејски сонародници, размислуваме за тој мрачен период што нашиот познат поет Ацо Шопов го опиша како време „изместено од своите зглобови“.

Како беше возможно да се осмисли и спроведе ова радикално зло, и тоа во ерата на разумот, во научно и технолошки најразвиениот континент на светот, меѓу најобразованата генерација дотогаш?

Антисемитизмот, што со векови тлееше во Европа, најде своја легитимација во неколку светогледи кои се преклопија. Нихилизмот го релативизираше вроденото достоинство и вредноста на човекот. Социјал-дарвинизмот, нацизмот и фашизмот, ги делеа народите на супериорни и инфериорни и ја всадуваа идеологијата на презир кон слабите и ранливите. Беше создаден морален вакуум во кој категоријата на злото ги потисна категориите на доброто и хуманото. Сето ова резултираше со Холокаустот како индустријализиран геноцид со масовни депортации, фабрики на смртта, гасни комори и крематориуми.

Меѓу шесте милиони Евреи кои настрадаа беа и нашите сонародници. Во нивната судбина можеме да ги препознаеме сите етапи на холокаустот.

Првиот чекор бил дискриминација. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови.

Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни.

Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна. Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.

Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?

И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

Драги сограѓани,

Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи. Но, и во услови на тешки времиња и окупација, имаме бројни примери на храбри поединци кои, ризикувајќи ги сопствените животи, одлучиле да спасат Евреи. Јад Вашем ги призна како праведници меѓу народите: Стојан-Богоја Силјановски, Тодор и Пандора Хаџи-Миткови, Трајко и Драгица Рибареви, д-р Смилјан Чекада, Борис и Васка Алтипармак, Александар и Блага Тодорови.

Голем дел од преживеаните Евреи се вклучија во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ. Еден од нив е и штипјанецот Исак Сион кој беше учесник и на државотворното заседание на АСНОМ. На денот на ослободувањето на Штип, тој бил единствениот кој не се радувал, затоа што во разурнатото Еврејско маало, синагогата била уништена, а сите куќи на неговите блиски и познати биле празни, без луѓе.

Низ слични трауми минаа речиси сите преживеани Евреи. Некои од нив заминаа во Израел и станаа мост на поврзување меѓу нашите две пријателски држави. Оние кои останаа, ја обновија Еврејската заедница и активно се вклучија во изградбата на македонската држава.

Почитувани присутни,

Ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаусот се намалува, а антисемитизмот, за жал, се зголемува. Нашите институции се должни да ги спроведат обврските што како држава ги преземавме на меѓународниот форум за Холокаустот во Малме. А тоа е преку наставната програма и задолжителната посета на Меморијалниот центар на Холокаустот да ги едуцираме учениците за вистината за овој геноцид и да ги заштитиме од опасниот вирус на антисемитизмот.

Добитникот на Нобеловата награда за мир, Ели Визел, наречен совеста на светот, во една прилика рече: „Ако нешто може да го спаси човештвото, само меморијата може. За мене, надеж без меморија е налик на меморија без надеж“.

Почитувани, затоа, наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството.

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

Важно известување за патниците на скопскиот аеродром

21/05/2026
Македонија

„Кога дојдов МРТ немаше сопствена продукција, вестите ги ослободивме…“, рече

21/05/2026
Македонија

Трагедија во Маврово и Ростуше: Маж загина при работа со

21/05/2026
Македонија

Пронајдени 92 кесички прашкаста материја и дигитална вага во затворот

21/05/2026
Македонија

Нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер

21/05/2026
Македонија

Македонската дијаспора во Германија со жалба до Фон дер Лајен

21/05/2026
Македонија

Пет нови авиолинии стартуваат ова лето

21/05/2026
Македонија

Брисел ја награди реформската агенда: Скопје добива нови 65,7 милиони

20/05/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 43383
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

Важно известување за патниците на скопскиот аеродром

21/05/2026

Меѓународниот аеродром Скопје ги известува сите патници дека од денеска, 21 мај 2026 година, се одвиваат градежни активности на пунктот

„Кога дојдов МРТ немаше сопствена продукција, вестите ги ослободивме…“, рече новиот директор Ристовски

21/05/2026

Јавниот сервис е паднат на најниско ниво во изминатите 20 години, наоѓајќи се во сериозна хибернација и стагнација. Ова е

Трагедија во Маврово и Ростуше: Маж загина при работа со трактор

21/05/2026

На 20.05.2026 во 14:05 часот во Полициското одделение Ростуше е пријавено дека во с.Скудриње, на место викано „Мустана нива“, бил

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy