
Пекинг и Манила меѓусебно се обвинуваат за судирот на два брода во Јужното Кинеско Море
Кинеските и филипинските власти денеска меѓусебно се обвинија за судирот меѓу брод на кинеската крајбрежна стража и брод за снабдување според договор со филипинската морнарица во Јужното Кинеско Море.
Кина ги обвини Филипините дека „намерно“ го предизвикале судирот.
Филипинскиот брод „игнорирал повеќе предупредувања“ од кинеската крајбрежна стража, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, објави државната телевизија CCTV.
Филипините, од своја страна, ја обвинија кинеската крајбрежна стража за судирот со филипинскиот брод.
„Опасните маневри на брод на кинеската крајбрежна стража предизвикаа судир со брод за снабдување договорен од вооружените сили на Филипините“, на околу 25 километри од атолот околу кој е стационирана филипинската морнарица, соопштија филипинските власти.
Двете земји спорат делови од Јужното Кинеско Море, чии острови и гребени превземаат и Виетнам, Малезија и Брунеи.
