
Пауза на имиграциските визи од САД – Муцунски најави можни позитивни промени
Одлуката на САД привремено да ја прекинат постапката за издавање имигрантски визи за државјани од 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија, предизвика загриженост кај дел од македонската дијаспора и кај семејствата што подолг период чекаат на спојување во Америка.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска изјави дека Северна Македонија има силни и стратешки односи со Соединетите Американски Држави, и дека во периодот што следи може да се очекуваат позитивни поместувања во визниот дијалог.
Според него, паузата не се однесува на туристичките, студентските и деловните визи, кои најчесто ги користат македонските граѓани за краткотрајни престои во САД. Тие категории продолжуваат да се издаваат без промени.
Имиграциските визи се поврзани со трајно иселување, најчесто по основ на семејно обединување или други имиграциски процеси. За разлика од нив, туристичките и деловните визи се временски ограничени и не се засегнати од мерката. Муцунски посочи дека апликациите за имигрантски визи и досега биле релативно мал број, а институциите биле во редовна комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и со американските власти преку дипломатските канали.
Изјавата на министерот, во која спомена и можност за „позитивно изненадување“, отвори прашања дали Скопје и Вашингтон можат да се приближат во визниот процес кој со години останува нерешен. Најчувствителен аспект за македонските граѓани останува потребата од виза за патување во САД, за разлика од земјите што се дел од американската Visa Waiver Program.
Влезот во оваа програма е комплексна процедура со строги критериуми што ги поставува Вашингтон, меѓу кои се ниски стапки на одбивање визи и високо ниво на безбедносна соработка.
Во овој момент, единствено извесно е дека мерката на САД се однесува исклучиво на имиграциските визи и не ги засега останатите категории. Дополнителни информации се очекуваат во наредните месеци, кога ќе биде појасно дали најавите ќе добијат конкретна форма.
