
Јовев: Меџити ме разреши затоа што сум направил грешка, доцна го поканив на настан
Разрешениот кардиохирург, професорот Сашко Јовев ги откри причините за неговото разрешување од функцијата директор на државната кардиохирургија.
– Имав притисок дека сум направил грешка при еден настан. Имавме прекрасен настан, беа поканети сите, но се случи тоа да бидат уредно поканети сите, освен министерот кој сметал дека добил доцна покана. Го повикуваме уште еднаш министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување, цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна и да ги оставиме професионалнците да си ја вршат работата. Успесите на оваа клиника се и државни успеси. Сакам да кажам дека на оваа клиника се работи 24/7. Една од замерките е дека некој не се откуцал со картичка оти бил расипан апаратот и сме немале време да го поправиме. Па ако колегите се откуцуваат колку што работат, нема да можеме да ги платиме – рече Јовев.
Професорот во своето воведно обраќање доби силен аплауз од колегите на Кардиохирургија и од некои пациенти.
– Очекував ваква поддршка, знам што правам цел живот и што правиме сите тука 24 часа дневно. Ова е само дел од поддршката, не сакаме да прерасне ова во нешто друго и да се исполитизра. Ова е мојот тим кој прави чуда и не спие 24 часа, овде се некои од нашите пациенти врз кои се направени операции. Јас во 35 години кариера не сум земал ниту еден ден боледување, но минатата недела имав такви притисоци што морав да се тргнам малку и морав да земам некој ден и денес се вратив – додаде д-р Јовев.
