
ОТВОРЕНИ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА СО ОБЕДИНЕТИТЕ АРАПСКИ ЕМИРАТИ Бенефитот ќе го почувствуваат граѓаните

Заокруживме уште една значајна посета што отвора нови можности за продлабочување на политичката, економската и трговската соработка со Обединетите Арапски Емирати, продолжуваме со силно темпо и со јасен фокус на резултати, чиј бенефит ќе го почувствуваат граѓаните, напиша на својот фејсбук профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во видео изјава, Муцунски истакна дека е потпишан Меморандум за разбирање со ОАЕ.
– Денеска заокруживме уште една важна и успешна посета. Остваривме важна средба со претседателот и владател на ОАЕ, шеикот Мохамед, а со вицепремиерот и министер за надворешни работи, шеикот Абдула, потпишавме Меморандум за разбирање, за развој, модернизација и дигитализација на владата и на државната администрација. Заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретнавме и со претседателите на Естонија и на Швајцарија, со претставници на меѓународни организации, како и со македонската дијспора во ОАЕ. Оваа посета потврди дека постои потенцијал за засилување на соработката меѓу двете земји во повеќе области – наведе Муцунски.
.

