
ОСМИ ДЕН ПРОТЕСТИ ВО АЕРОДРОМ: „Премиерот дише ист воздух со нас?“, прашуваат граѓаните со гас-маски и транспаренти
Незапирливиот револт на жителите на Аеродром продолжи и вечерва, осми ден по ред, со нова блокада на раскрсницата кај мостот „Киро Глигоров“.
Со гас-маски, транспаренти и сè подиректни политички пораки, граѓаните повторно побараа итно решение за алармантното загадување на воздухот во главниот град.
На вечерашниот собир, кој повторно собра граѓани од сите генерации, можеа да се забележат пораки кои директно ги прозиваат највисоките државни функционери.
„ПРЕМИЕРОТ ДИШЕ ИСТ ВОЗДУХ ИЛИ ИМА ДРУГ???“ – стоеше на еден од транспарентите што го носеа деца, додека друг млад демонстрант со гас-маска на лицето држеше натпис: „ЗАГАДУВАЊЕТО Е САМО ВИЗУЕЛНО? УМИРАЊЕТО Е РЕАЛНОСТ!“.
Пораките како „АЕРОДРОМ ЗЕЛЕНО ГЕТО“ и основниот крик „САКАМЕ ВОЗДУХ“ ја отсликуваат фрустрацијата на жителите, кои веќе повеќе од една недела се борат со последиците од пожарот на депонијата Вардариште, но и со загадувањето од други извори како депонијата Дрисла.
Истрајни во своите барања, тие најавуваат дека ќе продолжат со секојдневните мирни протести и блокади сè додека не добијат конкретен план и гаранции од институциите за трајно решавање на еколошките проблеми кои директно го загрозуваат нивното здравје.
ФОТО/ВИДЕО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk