
Османи: Целта на КВАД иницијативата е да се покаже и валоризира целосната усогласеност со надворешната политика на ЕУ
Целта на КВАД иницијативата не е да се исклучува или се прозива која било земја, туку да ја промовира и валоризира целосната усогласеност на земји од Зaпaден Балкан со надворешната и безбедносната политика на ЕУ што е услов без кој не се може за членство во ЕУ, а кој за многу држави во регионов е една од потешките прашања, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Не сме потпишале ништо. Ние се гордееме дека успеавме во изминатите две години да постигнеме стопроцентно усогласување и да се придружиме на земјите коишто веќе одамна постигнаа таква согласност. Тоа се Црна Гора, пред се, и Албанија. И тоа беше целта да покажеме пред ЕУ дека уште додека сме кандидати, уште додека не сме ги отвориле поглавјата, ние сме постигнале сто процентна усогласеност. Ние сме фактори од доверба на ЕУ, посебно во услови кога има војна на нашиот континент, и тоа треба да се цени, и да се валоризира. Значи тоа беше целта на промовирањето на оваа група на земји коишто имаат постигнато стопроцентна согласност. До членство на целиот регион ќе мора и останатите држави да ја усогласат својата надворешна политика. Значи ова е еден вид на промовирање на тоа што сме го постигнале пред ЕУ, се разбира и повик до сите овој регион конечно да се дефинира геополитички во однос на ориентацијата, вели Османи на новинарско прашање по засадувањето дрвца во Паркот на франкофонијата за КВАД иницијативата.
Тој подвлече дека ЕК точно со проценти дава Извештај годишно колку е усогласеноста во делот на надворешната политика, а стопроцентната усогласеност во оваа сфера потврдува, вели, дека ние сме доверлив партнер на Унијата и сме спремни за членство.
-Ние до пред две години бевме 92,6 проценти. Стигнавме до 100 проценти и за нас мислам дека тоа е важна одлука бидејќи дава порака до ЕУ дека ние сме доверливи партнер на ЕУ и ние сме спремни за членство. Ова не е иницијатива во која што исклучува или се прозива било која земја. Напротив е само рефлектирање на една фактичка состојба на земји коишто еве успеале во еден тежок регион да постигнат стопостотно усогласување и во услови кога има сомнежи или дилеми за кредибилитетот и потребната брзина на овој процес. Ние покажуваме дека сме сериозни партнери на ЕУ. Јас се надевам дека многу брзо сите шест ќе бидеме сто процентно усогласени, вели Османи одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот Османи, пред два дена во Скопје објави нова платформа „Западен Балкан КВАД – 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ“, заедно со албанската колешка Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети, и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ.
