
Ѓорческа ќе може да се посвети на репрезентацијата – елиминирана во Чешка!
Најдобрата македонска тенисерка беше совладана во два сета од 27-годишната Романка Габриела Ли, во моментов 384. на светот, но минатото лето била и на 136. позиција.
Во првиот сет, на Ѓорческа не ѝ помогна ниту водството од 2-0 во гејмови, ниту подоцна со 3-1 во тајбрејкот, кој го загуби со 4-7. Во вториот сет Романката почна со брејк, па го доби полесно, со 6-4. Ова значи дека Ѓорческа за пласманот во третото коло ќе освои 8 поени.
Ако е нешто позитивно во елиминацијата, тоа е фактот што го олеснува нејзиниот транспорт од чешкиот Ричани до Скопје, затоа што од понеделник ќе биде потребна во македонската репрезентација во Били Џин Кинг купот, чиј домаќин е Тениската федерација на Македонија.
