
Ѓорѓиевски потпиша над 1.000 решенија и порача: Град Скопје целосно ставен во служба на граѓаните
Градот Скопје ја интензивира работата на администрацијата и целосно се става во служба на граѓаните. Вкупно 1.032 предмети од областа на данокот на имот, данокот на промет, наследство и подарок, како и решенија за комунална такса за фирмарина, се потпишани и подготвени за дистрибуција, информираше Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласува дека ова е јасен показател оти институциите работат со динамика која им доликува на граѓаните. Станува збор за предмети од сите правни основи, за кои, како што најави, отсега ќе стане пракса да се изработуваат со забрзано и уредно темпо.
Готовите решенија ќе бидат дистрибуирани до даночните обврзници во најкраток можен рок.
„Од овој момент, ниту едно решение без правен спор нема да заглавува во административни лавиринти. Го враќаме редот, одговорноста и навременото постапување. Граѓаните мора да ги добиваат услугите тогаш кога им се потребни. Тоа е принцип од кој нема отстапување, исто како што беше ветено во мојата изборна програма“, изјави Ѓорѓиевски.
Градот прави сериозни напори за зголемување на приходите, со цел навремено подмирување на обврските во интерес на сите граѓани.
Од Град Скопје апелираат до сите физички и правни лица да ги исполнуваат своите обврски кон Градот навремено и одговорно. „Време е сите да дадеме свој придонес. Заедно, да го придвижиме Скопје напред“, порачуваат од Градот.
