
Определена мерка притвор за девет лица поради „Трговија со дете“, за две лица дополнителна одлука – едниот е недостапен за органите, другиот на лекување!
Мерка притвот од 30 дена денеска им беше определена на 9 лица поради „Трговија со дете“.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје попладнево за деветмина осомничени го прифати предлогот на обвинителството и со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на две лица дополнително ќе се одлучува бидејќи едниот осомничен се наоѓа на болничко лекување, додека вториот е недостапен за органите на прогонот“, се вели во соопштението.
Според наводите содржани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка летото 2020 година првоосомничената, го прифатила четиринаесетгодишното дете – жртва во својот дом, а подоцна ги прифатила и нејзините десетгодишна сестра и седумгодишен брат за да се грижи за нив поради нарушените односи во нивното семејство.
Набргу потоа искористувајќи ја состојбата на немоќ и ранливост на детето – жртва, заканувајќи ѝ се и применувајќи други форми на присилба, започнала да го подведува детето на вршење полови дејствија со дел од осомничените и други НН лица за одреден паричен надомест.
Честопати заканите кон детето – жртва биле поврзани со нејзините брат и сестра, дека доколку не ги прифати договорените сексуални активности, децата ќе ги остави во дом или ќе ги врати кај нивната мајка.
Подоцна, уште тројца од осомничените, по претходен договор со првоосомничената, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист, две години, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, го подведувале детето на вршење полови дејствија по пат на сексуална експлоатација со останатите осомничени и други НН лица меѓу кои имало и жена.
Осомничените корисници на сексуалните услуги, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со дете, на подведувачите им исплаќале паричен надомест во висина од 50 до 200 евра.
