
Одморалиштето „Пониква“ станува центар за рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани
Владата следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му биде отстапено на Министерството за здравство за потребите на продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените лица во неодамнешниот пожар во Кочани.
Како што соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, објектот располага со 27 соби и вкупно 56 легла, а неговата локација – во природна и тивка средина – го прави идеален за закрепнување и психофизичка стабилизација на пациентите.
„Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но имаат потреба од понатамошен третман и нега. Тие ќе бидат распоредени во неколку групи, со персонализиран пристап кон секој од нив,“ истакна Митева на прес-конференција во Владата.
Таа нагласи дека оваа мерка претставува институционален одговор на потребите на граѓаните и доказ за грижата на државата.
„Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето“, рече Митева, додавајќи дека Владата ќе продолжи со преземање конкретни чекори за поддршка на погодените семејства.