
Од утре плаќањата во евра ќе бидат побрзи и поевтини
Од утре, земјава станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што ќе овозможи граѓаните и компаниите да вршат плаќања во евра на ист начин како во земјите од Европската унија.
– Почнувајќи од 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од СЕПА ќе бидат значително поевтини и побрзи – околу 6 пати! На пример, трансакција од 500€ која досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе изнесува околу 260 денари. „СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, напиша денес гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на платформата „Х“.
На 6 март годинава, Европскиот совет за плаќања ја одобри апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА. Ова им овозможува на домашните банки да се приклучат на платежните шеми преку кои се вршат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки.
