
Од што почина малата Јана во Битола? Готов е извештајот на судска медицина
Готов е извештајот на судска медицина за смртта на малата Јана Христовска (6) од битолското село Кравари, објави Независен.
Според порталот, извештајот први ќе го добијат родителите, а потоа ќе биде објавен и во јавноста.
Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската Клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и починало за време на давањето инсулин, кога шеќерот во крвта веќе бил 9 единици.
Основното јавно обвинителство Битола побара обдукција и отвори предмет за причините за смртта на Јана и подоцна побара стручно вештачење од Институтот за судска медицина. Анализите од вештачењето Обвинителството веќе ги опсервираше по што најавува дека во следните денови ќе бидат објавени наодите за причините за смртта на Јана.
„Не е донесена уште формална одлука. Пред неколку дена е примено вештачењето, деновиве ќе се донесе и одлуката. Само, прво да го известиме семејството што е одлуката на ОЈО Битола, па ќе пратиме и соопштение за јавност“, известија денеска од ОЈО Битола за „Независен“.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат по смртта на девојчето изврши вонреден инспекциски надзор во Педијатрија на Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола во врска со лекувањето и третманот на починатото 6-годишно девојче од Кравари, но не најдоа недостатоци во лекувањето.

