
Од ноември пет нови авиолинии од Скопје до Мадрид, Стокхолм, Прага, Бари и Келн
Од ноември годинава, Скопје ќе биде поврзано со уште пет европски дестинации преку нови редовни авионски линии, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Новите дестинации се Мадрид и Стокхолм, од каде што летовите кон Скопје ќе започнат во ноември, како и Прага, Бари и Келн, чии линии ќе стартуваат во декември.
„Утрово го потпишавме договорот за пет нови дестинации кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Овие авиолинии ќе значат повеќе туристи, повеќе бизниси во Македонија и повеќе можности за сите граѓани,“ изјави Николоски.
Со најновите пет линии, бројот на новоотворени авиорути во последната година се искачува на 16. Вицепремиерот информираше дека бројките од аеродромите го потврдуваат растечкиот тренд – во првата половина на 2025 година, преку скопскиот и охридскиот аеродром се превезени вкупно 1,5 милион патници. Тоа претставува пораст од 5 % на скопскиот и 11 % на охридскиот аеродром во споредба со истиот период лани.
„Во следниот период ќе има уште добри вести, ќе најавиме и нови авиолинии,“ додаде Николоски, изразувајќи надеж дека новите рути ќе придонесат за економски развој и поголема поврзаност на Македонија со Европа.
„Нека е аирлија!“, заврши министерот.