
Од 7 март штрајк на вработените во „Национални шуми“, бараат исплата на плата
Вработените во ЈП “Национални шуми” од 7 март забрануваат сечење и продажба на огревно дрво. Ова е резултат на штрајк, првпат во историјата на ова претпријатие. Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), соопшти дека штрајкот го поддржуваат две третини од 30 вработени во оваа јавна компанија.
Штрајкот ќе трае додека не се исплатат три заостанати плати и други надоместоци. Вработените се незадоволни поради изостанатиот надоместок за теренска работа веќе повеќе од една година. Работниците што се изложени на тешки услови, просечно заработуваат околу 25.000 денари, според Синдикатот за градежништво. “Претпријатието реши да го регулира статусот на 400 лица со трајно вработување пред изборите. Овие лица веќе долг временски период работеа како сезонски работници и тие можеше да им се понуди регулирање на статусот порано”, истакна Пешевски.
Оттаму информираат дека ова претпријатие се соочува со исклучително тешки моменти и не исплаќа плати и придонеси, а вработува нови 400 работници.
Штрајкот, како што беше посочено на прес-конференцијата, е поддржан од синдикалните претставници од сите подружници низ државата на ова претпријатие.
– Да беа паметни претставниците на власта и раководството во „Национални шуми“ немаше на сила да вработуваат луѓе токму пред избори, туку, ќе ја дадеа навремено платата, како во декември, така и во јануари, и во месец февруари. Меѓутоа, многу полесно беше да се изманипулираат луѓето, скоро 400 вработени да добијат работни места, а сега скоро две илјади вработени да не добијат плата, рече Пешевски.
Тој апелираше до претставниците на власта да изнајдат решение како вработените навремено да добијат плата.
Пешевски истакна дека одлуката е никој да не работи, бидејќи, како што рече, никој во моментов не земал плата.
– Доколку некој смета дека треба да работи, слободно нека работи. Меѓутоа, овие луѓе што тука стојат се во име на сите вработени дека никој не сака да извршува повеќе работни задачи затоа што втор месец не носи дома плата, а во меѓувреме и платите каснеа по 15, 20 дена, а беа намалувани без никаков основ и безконсултација со синдикалните претставници, рече Пешевски.
Тој посочи дека платите на вработените се мали, и оти смета дека луѓе кои се инженерски кадар, заслужуваат многу повеќе од 40 илјади денари плата.
„Национални шуми“ има претставништва во 30 градови во државата и одлуката за штрајк се однесува на сите.
– Нашата одлука се однесува на сите и ги повикуваме сите да застанат со колегите кои штрајкуваат и да си ги исполнат своите барања. Единствено на овој начин, како уставно загарантирано право, бидејќи со сите претходни разговори и преговори со менаџментот и со власта излеговме изиграни, излажани, изманипулирани, рече Пешевски.
Во однос на новите 400 вработувања, како што рече Пешевски, оправдувањето било дека има потреба од такви вработени.
– Во државава, сите вработувања се токму пред избори во јавните претпријатија и јавните установи така што, ако имале потреба, нека ги задржат, бидејќи претходно ги водеа како сезонски работници и голем дел од тие вработени не добиваа пензиско, здравствено, ниту плата, рече тој.
