
Обвинителството сѐ уште не ја добило пресудата за случајот „Онкологија“
Основното јавно обвинителство Скопје сѐ уште не ја примило пресудата и образложението за изречената двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за онкологот Мери Пешевска, второобвинета во случајот „Онкологија“.
Од Обвинителството соопштуваат дека признанието на вина и пресудата за Пешевска се потврда за основаноста на наводите од обвинението, додека висината на казната ја одредува Судот. По приемот на пресудата, Јавното обвинителство ќе одлучи дали ќе поднесе жалба во однос на висината на санкцијата.
Основниот кривичен суд Скопје вчера и изрече двегодишна условна казна, која ќе важи ако Пешевска во рок од пет години не стори ново кривично дело. Таа претходно го призна делото кое ѝ се ставаше на товар за несовесно лекување болни пациенти, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.
Пешевска, заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и уште двајца онколози, беше обвинета за несовесно лекување пациенти. Според обвинението, на 29 пациенти им биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба, а на обвинетите им се става на товар кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“.

