
Обвинителката Ленче Ристоска тврди дека е изложена на притисоци и закани
Обвинителката Ленче Ристоска соопшти дека е изложена на притисоци и закани поради предметите што ги води против ВМРО-ДПМНЕ.
Откако судот донесе одлука за замрзнување на имотот на партијата, меѓу кои и седиштето, Белата палата, на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ беше објавено соопштение во кое Ристоска е наречена „тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картичка во служба на Заев и Груби“. Обвинителката реагира дека станува збор за напад и заплашување од страна на партија која во моментов е носител на извршната и законодавната власт.
Ристоска потсети дека како јавен обвинител ја застапува истрагата „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои ВМРО-ДПМНЕ и поранешни функционери се обвинети за перење пари и незаконско стекнување имотна корист. Со судска одлука се замрзнати партиското седиште и уште 68 други недвижности, а судските процеси се уште траат.
„Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ не е само критика на мојата работа, туку испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Ова е уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период“, истакна Ристоска.
Обвинителката побара од партијата во рок од седум дена јавно да се извини или да ги докаже тврдењата дека нејзиното делување било политички мотивирано и дека користела службени картички или исплаќала бонуси. Во спротивно, таа најави покренување постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
„Како обвинител имам обврска јавно да зборувам за прашања кои го загрозуваат интегритетот на обвинителството, владеењето на правото и поделбата на власта. Мојата работа е борба со криминалот и секогаш е во заштита на јавниот интерес, без оглед на тоа кој е сторител на кривичното дело“, додаде Ристоска.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 14 октомври се наведува дека Ристоска била „поранешна ѕвезда на пропаднатото СЈО“ и дека таа и колегите „со ентузијазам користеле службени картички и дневници“. Партијата ја оцени обвинителската служба како „партиска испостава на СДС и ДУИ“.
Ленче Ристоска беше еден од тројцата кандидати за судија во Судот за човекови права во Стразбур, кои Владата не ги прифати, без образложение за причините за одбивањето.