
Обвинетата антикорупционерка за корупција се враќа на претходното место како помошник на главниот државен ревизор
По поднесената оставка од претседателската функција во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска се врати на старото работно место во Државниот завод за ревизија, објави „Телма“. Од институцијата за медиумот потврдија дека таа повторно ќе ја извршува функцијата помошник на главниот државен ревизор, позиција што ѝ беше во мирување додека беше на чело на Антикорупциската комисија.
Собранието неодамна ја констатираше нејзината оставка, по што Димитровска веднаш поднела барање за реангажман на поранешната позиција.
Таа поднесе оставка поради тоа што против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, во врска со случајот „Адитив“.
Истрагата против Димитровска започна во април, откако беше анализирана комуникацијата на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и обвинет во истиот случај. Според обвинението, таа преку апликациите Вибер и Ватсап му пренесувала доверливи информации – службени белешки, податоци за отворање предмети против правни и физички лица, информации за имотна состојба и постапки што ги водела Комисијата.
Дополнително, таа се товари и за тоа што му ги дала логин податоците од нејзин колега ревизор за да полага во нејзино име сертификат за класифицирани информации.