
Обвинение за хаосот со ѓубрето: Директорот на „Комунална хигиена“ оди на суд за загрозување на животната средина
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и против управител за отпад во претпријатието. Тие се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, дозволувајќи градот да се затрупа со смет во текот на октомври.
Според обвинителството, истрагата покажала сериозни пропусти во менаџирањето со отпадот, што резултирало со потенцијална опасност по здравјето на луѓето и животната средина.
Обвинителството тврди дека првиот човек на претпријатието постапил спротивно на Статутот и Законот за комунални дејности.
Дополнително, тој се товари дека иако бил должен, не обезбедил постојано и квалитетно давање на комуналната услуга и не се грижел за одржување на механизацијата (објектите, опремата и уредите) во исправна состојба.
Вториот обвинет, вработен како Управител за отпад (со положен стручен испит), се товари дека заедно со директорот, со умисла постапувале спротивно на законите.
Резултатот од ваквото постапување беше создавање на диви депонии на јавни и сообраќајни површини и натрупување на смет во непосредна близина на контејнерите.
Бидејќи истрагата е завршена и доказите се прибрани, јавниот обвинител предложил мерката притвор да им биде заменета со благи мерки:
За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, побарана е и дополнителна мерка – забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело, односно негово привремено отстранување од работното место.
