
„ОБСЕ Е ВО МИЗЕРНА СОСТОЈБА“ – Лавров: Молдавија следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија
ОРГАНИЗАЦИЈАТА за европска безбедност и соработка денеска е во мизерна состојба, перспективите се нејасни, изјави шефот на руската дипломатија на пленарната седница на ОБСЕ во Скопје.
– За нешто повеќе од една година, завршниот акт на Хелсинки ќе наполни 50 години. Во таа насока, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни – рече рускиот министер.
Тој посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.
Шефот на руската дипломатија претходно се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сјарт. Пред средбата, која беше затворена за медиумите, министрите разменија пријателски поздрави.
Лавров претходно се сретна со неговиот ерменски колега Арарат Мирзојан.
Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ се одржува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и вклучува три пленарни седници. Посетата на Скопје е прво патување на Лавров во Европа од почетокот на конфликтот во Украина, доколку не се бројат неговите посети на Белорусија и Турција.
Поради неговото учество на самитот на ОБСЕ во Северна Македонија, министрите за надворешни работи на Украина, Полска, Естонија, Летонија и Литванија го бојкотираат настанот.
Седницата на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, во која членуваат 57 земји, се одржува на 30 ноември и 1 декември. Се очекува учесниците да разговараат за безбедносните прашања на континентот во услови на актуелниот украински конфликт, како и за прашањето за избор на следниот претседател на организацијата.
